Претседателот на Србија Александар Вучиќ, од Брисел порача дека не е постигнат договор со косовската страна денес на преговорите под медијаторство на ЕУ.
Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти утрово рано започнаа со билатерални средби во седиштето на дипломатската служба на ЕУ под медијаторство на високиот претставник за надворешна политика, Жозеп Борел.
По долги часови разговори, српскиот претседател се упати кај новинарите каде изјави дека нема договор.
Косово и Србија денеска во Брисел требаше да изнајдат излез од ќор сокакот со регистарските таблици на северот на Косово и враќањето на српските претставници во институциите на Косово.
-Од за мене нејасни причини не успеавме да постигнеме апсолутно никаков договор, српската страна беше потполно конструктивна, прифати десет пати изменети текстови, но албанската страна не сакаше ништо да прифати, изјави Вучиќ пред малку.
Тој додаде дека “пред нас се бесони ноќи“ и дека Србија ќе ги “слуша сите совети и барања“ на Борел.
Според српскиот претседател сега “им е јасно на сите во ЕУ и во светот“ кој е конструктивен.
Вучиќ порача дека прифатиле да не издаваат “КМ таблици“ за Србите на Косово и рече дека “ќе видиме што ќе направи другата страна“.
-Инсистиравме да се почитуваат веќе потпишаните договори, некои не сакаат тоа што е потпишано да се применува, рече Вучиќ, алудирајќи најверојатно на договорот за формирање на Заедница на српски општини.
Се очекува во наредните минути да излезе и Жозеп Борел со изјава за исходот на овие преговори.