Српскиот претседатела, Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија не може да дозволи Косово да стане членка на ОН, како што предлагаат Германија и Франција и дека тоа ќе има последици.

Вучиќ во своето обраќање до нацијата како прва тема ја избра ситуацијата на Косово и најави дека ќе зборува и за енергијата, стандардите и надворешната политика и посочи дека „на маса имаме предлог од двете најголеми сили, Германија и Франција, и за тоа мора да се разговара”, затоа што би било неодговорно да се „фрли предлогот низ прозорец”.

„Не можам да зборувам за деталите на тој документ, но суштината е дека Србија му дозволува на Косово да влезе во сите меѓународни институции, вклучително и ОН, а Србија за тоа, не е прецизирано, ќе добие брз влез во ЕУ и веројатно значителни економски придобивки“, рече Вучиќ.

Тој посочи дека за Србија и поради Уставот, но не само поради тоа, неприфатливо е Косово да биде членка на ОН и дека тоа ќе сноси „свои последици“ бидејќи целата идеја се заснова на Србија, без формално признавање, покаже дека е согласна со членството на Косово во ОН.

Вучиќ посочи дека идејата на Европа е што поскоро да се реши косовското прашање, меѓу другото и за „да се извади тој аргумент од рацете на рускиот претседател Владимир Путин“.

Според него, Албанците ги избираат сите теми на разговорите заедно со земјите од ЕУ и дека најголемата грешка на Србија е што дозволила разговорите да влезат во јурисдикција на Европската унија.

Вучиќ рече дека на 19 октомври комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, на таа меѓународна организација ќе и ја претстави состојбата со човековите права на Косово, а на почетокот на ноември Бирото на Комитетот на министри ќе донесе одлука за почеток на процедурата за прием на Косово во Советот на Европа.

Според него, на тој начин се посакува да се изврши дополнителен притисок врз Србија, за Косово пред се да биде примено во Интерпол, но и во специјализираните агенции на ОН, од УНЕСКО до многу други. „За да има притисок да го прифатиме и на крајот да се соочиме со тоа и нашиот внатрешен правен систем да ги прифати фактите, односно да дозволи независност на Косово во формална смисла“.

„Шансите ни се мали, но што и да е, во овој момент нема волја кај српското раководство, додека јас сум претседател, барем во тој еден дел од извршната власт нема да има волја да се прифати независноста на Косово и Членството на Косово во ОН“