Претседателот Александар Вучиќ утре ќе биде домаќин на вториот трилатерален самит на Унгарија, Србија и Австрија, на кој ќе присуствуваат унгарскиот премиер Виктор Орбан и австрискиот канцелар Карл Нехамер, јави дописникот на МИА од Белград.

-Прво ќе се одржи средба на Вучиќ со Орбан и Нехамер, а потоа и пленарен состанок на делегациите на Србија, Унгарија и Австрија, соопшти прес-службата на Вучиќ.

Првиот трилатерален самит на Унгарија, Австрија и Србија за илегалната миграција беше организиран на 3 октомври во Будимпешта, каде Вучиќ најави дека Србија, што е резултат на договорот меѓу тројцата лидери, во голема мера ќе ја усогласи својата визна политика со ЕУ до крајот на годината.

– Ова ќе оневозможи некој да ја користи Србија како дојдовна земја, не поради реалните потреби, туку поради илегалната миграција на запад, истакна тогаш Вучиќ.

На самитот во Будимпешта беше покрената заедничка акција на трите земји во борбата против илегалната миграција, со цел да се намали притисокот врз границите на трите земји. Вучиќ тогаш рече дека повторно има зголемување на бегалците од Авганистан, Сирија, Пакистан и други земји, заедно со доаѓањето на луѓето од Русија и Украина.

Тој порача дека Србија не сака да биде, „жешка точка“ или паркинг за мигрантите, и дека ќе продолжи да биде солидарна кон тие луѓе.