Бројот на сообраќајни несреќи на подрачјето на Гевгелија во првите шест месеци од годинава е намален за речиси 40 отсто во споредба со истиот период лани. Од јануари до јуни биле евидентирани 49 несреќи, наспроти 79 минатата година, покажуваат податоците презентирани пред Советот на Општина Гевгелија.

Намалени се и несреќите предизвикани од возење под дејство на алкохол. Лани биле регистрирани 18 такви случаи, а годинава шест, што претставува пад за две третини. Од полицијата велат дека алкохолот сега е на четврто место меѓу најчестите потешки прекршоци, додека најзастапено останува пребрзото возење.

Според Полициската станица во Гевгелија, засиленото присуство на автопатот А1, особено во раните утрински часови и за време на туристичката сезона, придонело за намалување на несреќите. Оваа година не била регистрирана ниту една сообраќајка предизвикана од замор на возачите, кој полицијата го опишува како „најтивкиот убиец“.

Како најкритичен се посочува делот од клучката Миравци до граничниот премин Богородица, особено од 5 до 8 часот, кога голем број патници брзаат кон Грција. Полицијата и годинава ја спроведува кампањата „Вози одморен, за безбедно лето“, со порака возачите почесто да одмораат, особено при високи температури.

Сепак, со почетокот на летната сезона зачестиле случаите на екстремно брзо возење. Од полицијата велат дека на автопатот се регистрираат возачи со повеќе од 200 километри на час, а од јуни наваму речиси секој втор ден е фатен странски државјанин за кого се поднесува кривична пријава по итна постапка.

Само во една од последните контроли, до 5.30 часот наутро, биле регистрирани 222 прекршоци за брзо возење. Надлежните додаваат дека, иако на Коридорот 10 има камери, дел од возачите ги знаат нивните позиции, па полициските патроли се поставуваат и на места што не се покриени со видеонадзор.

Од полицијата оценуваат дека намалувањето на возењето под дејство на алкохол е резултат и на законските измени, според кои управувањето возило со повеќе од 1,50 промили алкохол во крвта претставува кривично дело. Според нивните забележувања, навечер сè почесто жените управуваат со возилата кога нивните партнери консумирале алкохол, што го посочуваат како знак на зголемена свест кај возачите.