Европската Комисија ќе се осигура дека предлогот кој се очекува на крајот на оваа недела ги почитува сите меѓународни стандарди, но примарна цел не е отворањето на границите кон земјите вон ЕУ, соопштија од комисијата.
-Целта на сертификатите е да се олесни безбедното движење во ЕУ, тие нема да донесат нови рестрикции, нема ништо да забранат, ќе ги направат работите полесни, ги гледаме и третите земји и во контакт сме со меѓународни тела како Светската здравствена организација за да се земат предвид и меѓународните стандарди, изјави Кристијан Виганд – портпарол на Европската Комисија.
Земјите од Западен Балкан, кои во голем дел се ослонуваат на руската и кинеската вакцина за излез од здравствената криза, изразија загриженост дека предлогот на Европската Комисија за дигитални сертификати за вакцинација нема да ги признаат вакцините кои не се одобрени во ЕУ.
Неколку европски земји, меѓу кои Норвешка, Данска, Холандија и Ирска, привремено престанаа да користат вакцини на АстраЗенека поради сомневање за згрутчување на крвта. Сепак, програмата за имунизација со АстраЗенека продолжува во други земји, вклучувајќи ги Британија, Франција и Грција. Турција, пак, планира да вакцинира над еден милион туристички работници во пресретна туристичката сезона.