Над 1.200 деца бегалци без придружба во изминатите две години биле релоцирани од Грција и започнале нов живот во некоја од земјите од Европската унија, јави дописничката на МИА од Атина.

Според официјалните податоци од Министерството за миграција и азил на Грција, од почетокот на програмата за релокација во април 2020 година, најголем број деца заминале во Франција (499), во Португалија (226) и во Германија (204 деца бегалци без придружба).

Во април 2020 година по иницијатива на грчкиот премиер се реализираше првиот лет од Грција за Луксембург, во рамки на принципот на европска солидарност.

Проценките на Министерството за миграција и азил се дека во моментов во Грција има 2.037 деца бегалци без придружба, од кои седум проценти се помали од 14 години, а 89 отсто се момчиња.