Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека разговорите не биле лесни, но дека е задоволен од големиот интерес на германската влада за разговор со Србија.

-Нашата позиција е тешка, секако ужасно комплицирана, а изјавите на претседателот Путин се дополнително комплицирани. За сето тоа ќе зборувам утре. Се плашам од сè што следи, изјави Вучиќ на новинарите во Берлин по средбата со Бурбок, пренесе Н1.

Тој рече дека ако некој мисли дека Србија ќе го промени ставот на Германија за прашањето за Косово – тоа нема да се случи.

Вучиќ најави дека утре вечер ќе зборува зошто „интересот на сите за Србија ќе стане уште поголем“. Неколку пати повтори дека за сите проблеми ќе зборува во своето обраќање до јавноста во петок.

Вучиќ рече дека со Бурбок разговарал за европската перспектива на Србија, кризата во Украина и ситуацијата во Косово и дека има делови од разговорот кои не биле лесни.

Претседателот на Србија во средата се сретна и со канцеларот на Германија, Олаф Шолц, со кој одвоена средба имаше и премиерот на Косово, Албин Курти.

Вучиќ рече дека разговорите меѓу Белград и Приштина ќе продолжат на 13 мај, а најави и разговори со политичките партии во Србија за да го слушне нивното мислење.

На прашањето дали разговарал со Шолц за гасот, тој рече дека разговарал, но праша – за каква диверзификација да зборуваме?

-Германија има 55 отсто зависност од рускиот гас, а Србија 100 отсто, рече Вучиќ и најави дека по десетти ќе почнат преговори со Русите за гасот.

Додаде дека преговара со Британците за изградба на складиште за нафта и за надградба на складиштето за гас.

Прашан дали Србите ќе преживеат, тој рече – секако.

-Прашањето не е дали ќе преживееме, туку како ќе преживееме – дали сакаме да поминеме со модринки или тешки рани, рече Вучиќ.