Нов Закон за медиуми: Министерот Андоновски најави важни измени
За интернет портал ќе треба да имате најмалку три вработени. Во неделното интервју за Радио Слободна Европа, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, одговори на прашања поврзани со донесувањето на нов Закон за медиуми.
Регистрирање на онлајн медиумите
Министерот се осврна и на целата процедура каде во центар на вниманието е отворањето интернет портал.
„Планираме да воведеме две значајни измени во законот. Првата, која веќе се наоѓа во владина процедура, се однесува на регистрирањето и официјалното признавање на онлајн медиумите. Досега, бевме единствената држава во регионот што во законската регулатива не ги препознаваше онлајн медиумите, што значеше дека тие не можеа формално да се идентификуваат како медиуми, без разлика дали се домашни или странски. Ова беше правен вакуум што мораме да го решиме. Измената наскоро ќе биде разгледана во Собранието, и очекувам широка поддршка за нејзиното усвојување“, истакна министерот Андоновски.
Тој нагласи дека предлогот бил предмет на широка дискусија.
„Одржавме дебати, како јавни, така и директни, со здруженијата на онлајн медиумите, новинарските организации и останатите професионални здруженија. Оваа помала измена на законот сакаме да ја усвоиме што побрзо, по што ќе продолжиме со работа на усогласување на Европскиот закон за слобода на медиумите со нашите национални услови.“
Водење на Регистарот за онлајн медиуми
Министерот истакна дека Регистарот на онлајн медиуми ќе биде под надлежност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги:
„Во моментот, според предлогот, за еден онлајн медиум да се регистрира во официјалниот регистар, ќе треба да има најмалку тројца вработени, како и македонски домен и импресум во кој јасно ќе бидат наведени одговорните лица во медиумот. Овој праг е поставен ниско, за да може поголемиот дел од онлајн медиумите во државата лесно да ги исполнат условите и без потешкотии да се регистрираат во Агенцијата.“
Извор: 360 степени