Средствата што ММФ и ги додели на земјава како буџетска поддршка значи дека тие имаат доверба во политиките на Владата и во фискалната рамка, оценува министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој во изјава за телевизија „Сител“, вели дека средствата што ММФ и ги додели на земјава веќе се планирани за спроведување на мерките за справување со пандемијата и за поддршка на стопанството со цел ублажување на ефектите од пандемијата.

– ММФ и додели на РС Македонија 134,47 милиони специјални права на влечење или околу 162 милиони евра за буџетска поддршка. Средствата се веќе планирани во Буџетот за 2021 година за спроведување на мерките за справување со пандемијата и за поддршка на стопанството преку Развојната банка со цел ублажување на ефектите на пандемијата и поддршка на домашната економија за нејзино побрзо заздравување, истакна Бесими.

Потенцира дека со ММФ се преговарало подолго време уште откако оваа меѓународна финансиска институција го најавила новиот пакет за поддршка на светско ниво.

Средствата веќе се предвидени со ребалансот на Буџетот каде, како што вели министерот, „има зголемување на делот за субвенции за поддршка на стопанството, за социјалните категории загрозени граѓани, но и за зголемување на капиталните расходи во Буџетот што всушност ќе значи поддршка и на делот што оди за здравството и за вакцини, и мерките за економијата“.

Согласно процедурата, Министерството за финансии ќе изготви закон којшто ќе биде доставен до Владата и до Собранието. Бесими очекува законот да се изгласа бидејќи средствата се веќе предвидени со ребалансот на Буџетот.