Три момчиња на возраст од 14 години исчезнале во Загреб и Риека за само 24 часа, објавено е на веб-страницата нестали.гов.хр.
Прв исчезнал Иван Шнајдар, роден 2009 година, на 7 јануари, кој се оддалечил од својата адреса во Загреб. Еден ден подоцна во Риека исчезнал Лукас Кираљ Јеремиќ, исто така роден 2009 година, а истиот ден, 8 јануари, во Загреб исчезнал и Патрик Гецк, роден во 2009 година.
На веб-страницата е објавен опис на момчињата и што носеле во моментот на нивното исчезнување.
Се апелира до граѓаните доколку имаат информации за исчезнатите момчиња, телефонски или електронски да ги пријават во најблиската полициска станица.
Директорот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца Игор Јуриќ денеска изјави дека сѐ уште нема јасни мотиви за исчезнувањето на трите момчиња во Хрватска и дека има само претпоставки, но не ја исклучува можноста дека причината е трговијата со луѓе.
„Тоа е можност, но не би зборувал за претпоставки додека навистина не се докаже што точно се случило и каде се децата. Она што е исто така важно да се спомене е дека загрижува тоа што децата се речиси на иста возраст, а тоа е дополнителна грижа не само за граѓаните во Хрватска, туку и во целиот регион, бидејќи кога ќе се случи вакво нешто, ниту еден родител во целиот регион не може да се чувствува безбедно за своите деца“, рече Јуриќ за Танјуг на прашањето дали може да се зборува за трговија со луѓе со оглед на тоа дека се работи за ист пол и иста возраст и растојание од неколку дена.
Јуриќ истакна дека од самиот почеток на системот „Најди ме“ или „Амбер алерт“ идејата била тој да постои во сите земји од регионот.
„Она што е важно луѓето да го знаат е дека е важно сите да учествуваме во потрагата по исчезнатите деца. Денеска исчезна дете во Хрватска, а мора да бидеме свесни дека утре тоа може да се случи и во Македонија, Србија и Црна Гора. Затоа, многу е важно сите да учествуваме во тие потраги“, рече Јуриќ.