Државниот пазарен инспекторат во периодот од 13-ти до 19-ти овој месец извршил над 650 инспекциски надзори на целата територија на републиката.

„Во наведениот период од страна на Државниот пазарен инспекторат наплатени и издадени се над 175 прекршочни платни налози со вредност над 6.230.000 денари“ соопштија денеска од ДПИ.

Од Државниот пазарен инспекторат информираат дека вршат континуирани инспекциски надзори кај трговците на големо и мало во делот на почитување на Одлуката за замрзнување на цената на лебот до 33 денари, Одлуката за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед и Одлуките за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало

„Во горенаведениот период на територија на Република Македонија се извршени над 530 инспекциски надзори и контроли по Одлуките за посебни услови за трговија на одделни стоки. Во некои економски субјекти констатирани се прекршоци за што се издадени прекршочни платни налози во висина од над 1.750.000 денари“ стои во извештајот на ДПИ.

Државниот пазарен инспекторат и понатаму интензивно ќе спроведува контроли и надзори во согласност со своите надлежности. Законите ќе важат исто за сите, без селективност, а секој што нема да ги почитува, ќе биде санкциониран. Надзори се вршат постојано, а пазарниот инспекторат функционира со својот полн капацитет, информираат од ДПИ.