ВМРО-ДПМНЕ од 1 септември започнува голема кампања за ажурирање на постојното членство и отворање на партијата за нови членови, информираше генералниот секретар на партијата и пратеник Драган Ковачки.

Кампањата, која ќе трае до 30 ноември, има за цел дополнително организациско зајакнување и модернизација на партијата, а во рамки на процесот за првпат се воведува целосно дигитален начин на зачленување и ажурирање на членството.

„Со оваа порака ВМРО-ДПМНЕ од 1 септември започнува голема кампања за ажурирање на постојното членство и за отворање на партијата за нови членови“, истакна Ковачки.

Тој посочи дека партијата сака во следните три месеци да направи нов чекор во својот организациски развој и да изгради, како што рече, „посовремена, поорганизирана и уште посилна политичка организација, подготвена за иднината“.

Ковачки нагласи дека силата на ВМРО-ДПМНЕ ја гледа во луѓето кои со години се дел од партијата, но и во новите генерации кои имаат знаење, идеи и енергија.

„Нашата сила се луѓето. Луѓето кои со децении се дел од ВМРО-ДПМНЕ. Луѓето кои верувале кога било тешко, кои работеле, се бореле и придонесувале. Но и новите генерации кои денес имаат знаење, идеи, енергија и желба да бидат дел од создавањето на иднината на Македонија“, рече Ковачки.

Во рамки на кампањата, постојните членови ќе можат да ги потврдат или ажурираат своите податоци, додека за новите членови партијата најавува отворен процес без потреба од препорака или посредување.

„Без препорака. Без некој да мора да ве воведе. Ако имаш идеја – има место за тебе. Ако имаш знаење – има место за тебе. Ако имаш енергија и сакаш да придонесеш – има место за тебе“, порача генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Како новина, Ковачки го истакна воведувањето на дигитална платформа за зачленување и ажурирање на членството. Според него, партиската ИТ комисија изработила веб-апликација која веќе е ставена во функција во општинските комитети.

„За првпат во Македонија, една политичка партија воведува целосно дигитален процес на зачленување и ажурирање на членството“, изјави Ковачки.

Тој додаде дека мобилната верзија на апликацијата е доставена до Google и Apple и по нејзиното одобрување ќе биде достапна и за мобилни телефони.

Со дигиталниот процес, како што објасни Ковачки, пријавата, верификацијата, прифаќањето на Статутот и потврдата за членството ќе можат да се завршат преку телефон за неколку минути.

„Тоа е ВМРО-ДПМНЕ кое се менува со времето, кое ги користи новите технологии и кое гради модерна организација за новите генерации“, истакна тој.

Ковачки нагласи дека дигитализацијата нема да го замени досегашниот начин на зачленување, туку ќе претставува дополнителна можност за членовите и граѓаните.

Од 1 септември до 30 ноември, општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат отворени секој ден од 17:00 до 20:00 часот за ажурирање на членството и за сите граѓани кои сакаат да се приклучат.

Ковачки посочи и дека личните податоци ќе се обработуваат согласно Законот за заштита на личните податоци.

„Во ВМРО-ДПМНЕ ги поврзуваме искуството и традицијата со новата енергија. Ги обединуваме луѓето кои со децении се дел од ВМРО-ДПМНЕ со оние кои денес за првпат сакаат активно да придонесат“, порача Ковачки.

На крајот од обраќањето, тој ги повика постојните членови да го ажурираат своето членство, а граѓаните кои досега не биле дел од партијата, а сакаат да придонесат, да се приклучат.

„Твоето место е со нас. Заедно сме посилни. Заедно одиме напред. Заедно за иднина – Приклучи се! За ВМРО-ДПМНЕ. За Македонија“, порача Ковачки.