Австрискиот канцелар Себастијан Курц ги покани премиерите на Западен Балкан на конференција на која првенствено ќе се дискутира за европската перспектива, но исто така и за борбата против ковид-19, економската поддршка по кризата и заедничката борба против илегалната миграција.
На конференцијата ќе присуствуваат премиерот на Македонија, Зоран Заев, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, премиерот на Црна Гора Здравко Кривокапиќ, премиерот на Косово, Албин Курти и претставникот на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак додека од Албанија ќе има претставник на владата.
Во изјавата, Курц посочи дека земјите од Западен Балкан ја имаат целосната поддршка на Австрија на нејзиниот пат кон ЕУ и во борбата против пандемијата.
-За жал, минатата година ЕУ не посвети доволно внимание на процесот на приближување кон овој важен соседен регион, рече тој, додавајќи дека ЕУ е комплетна само кога сите земји од Западен Балкан станат членки на Унијата.
Тој посочи дека на конференцијата ќе се дискутира за заедничката борба против илегалната миграција.
-Ова е особено важно пред летото, рече тој.
Имено, експертите на Министерството за внатрешни работи на Австрија тргнуваат од фактот дека со намалување на ограничувањата, притисокот на миграцијата врз ЕУ ќе се зголеми.