Ова го најави премиерот Зоран Заев во своето обраќање при презентацијата на Интервентниот план за инвестиции ИПИ 2021-2027 во Владата.

-Со соодветни стратегии поставени од државата веруваме дека ќе развиеме одлична стратегија која ќе предизвика сериозни инвестиции во фотонапонски електрани, ветерници и гасни централи за да направиме транзиција на енергетскиот систем. Инвестициите во обновливи извори на енергија секако ќе ги чинат граѓаните зашто доколку сакаме здрава и зелена енергија таа се плаќа поскапо и затоа државата ќе развие планови за помагање на сиромашните граѓани преку посебни програми, рече Заев.

Во одговор на новинарско прашање, пак, посочи дека до 2035 или до 2040 земјава има резерви на јаглен во зависност од тоа дали ќе се влезе со ископи во нови јегленокопови или не.

-Во регионот веќе има и бесплатен јаглен и треба само да се плати транспортот за да се донесе. Грција ги затвора своите термоелектрани на јаглен, има јаглен од Косово кој во моментов се носи во Осломеј. Во вакви околности убеден сум дека јагленот не е причината за затворање на РЕК Битола и РЕК Осломеј, туку здравата животна средина, рече Заев.

Посочи дека час поскоро треба да направиме инвестиции во фотонапонските централи, ветерните паркови и гасните електрани кои ќе продуцираат, како што рече, илјадници мегавати електрична енергија и додаде дека нашиот народ е по зелената енергија.

Во моментов од термоелектраните во земјава се произведуваат околу 78 отсто од електричната енергија, а останатите се од обновливите извори на енергија. Се планира, како што кажа премиерот, термоелектраните да се затворат година или две пред 2030 година како што е предвидено во европската цел.