Премиерот Заев изрази искрено добредојде за делегацијата на БиХ и истакна дека посетата на Џаферовиќ е резултат на континуитетот и исклучително позитивните и традиционално блиски односи на двете земји.
Заев и Џаферовиќ нагласија дека двете земји ги поврзуваат и заедничките интереси и вредности како што се членството во НАТО и ЕУ. Во таа насока, премиерот Заев рече дека Северна Македонија е подготвена да го сподели со Босна и Херцеговина искуството од пристапниот процес до полноправно членство во Северно-атлантската алијанса.
Според Заев, од посебно значење е што оваа посета се остварува на денешен ден, на Меѓународниот ден на Бошњаците. Тој го информираше Џаферовиќ дека доаѓа од увидот од последната фаза на изградбата на мостот „Цвет на Сребреница“ кој и симболички и реално поврзува две населени места во нашата земја во кои доминантно живеат нашите сонародници од бошњачката заедница заедно со припадници на други заедници од македонската, албанската и други заедници.
На средбата беше потенцирано дека и двете земји препознаваат силни потенцијали за унапредување на економската соработка и изразија подготвеност да продолжат подготовките за воспоставување на авионска линија меѓу Сараево и Скопје кои беа прекинати заради пандемијата и од која се очекува да ја поттикне комуникацијата меѓу двете земји.
Делегацијата на Претседателството на Босна и Херцеговина е во еднодневна работна посета на земјава, а ја предводи Џаферовиќ.