Во однос на неиздавањето документи, Заев уверува дека се издаваат и додаде дека ги имаме сите обрасци. Потсети дека вчера и денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дал прецизни изјави за оваа тема.
-Објаснето е детално. Имаме навала на вадење документи зошто сега се отворија границите, по една година од пандемијата, изјави Заев. Појасни дека на граѓаните им застареа пасошите и тие не им беа потребни. Сега тие граѓани и граѓаните на кои реално им истекува рокот на личните документи сакаат пред летото да ги извадат документите и затоа, како што рече, имаме мултиплицирање на документите, а службите кои ги издваат се тие.
За регистарските таблички, Заев рече дека 14.000 веќе се пуштени, а во петок стигнуваат нови 30.000. -Тендерски процедури се и се запазуваат, има постапки на жалби и сл. Ние немаме проблем. Не е до парите, не е до тоа дали имаме ресурси, рече Заев.
Заев рече дека се уште германскиот оператор кој работи од 2011 или 2013 година кај нас, до крајот на годината има договор за работа. Најави дека во второто полугодие од оваа година почнуваат постапките за избор на оператор за пасоши, лични карти… Информира дека како Влада ги дале упатствата за нашиот народ, како што рече, да ја добие најмодерната технологија на биометриски пасоши, лични карти, ако може и здравствени легитимации, возачки дозволи…
-Дадовме упатства за јавно-приватно партнерство за да не инвестира државата. Граѓаните секако плаќаат, а контролата на емисијата секако ќе ја има државата. Верувам дека ќе имаме успешни тендери, со најмодерни и најквалитетни вакви документи до крајот на годината за да може во 2022 година барем во првото тромесечие да почнеме со емитувањето на новите документи, рече Заев.
Премиерот Заев ги повика граѓаните секогаш да пријавуваат мито и корупција и според него, така тие се најголеми патриоти. – Ние сме решени да одиме до крај со борбата против корупцијата, нагласи Заев.