Премиерот Зоран Заев во телефонски разговор му го честиташе изборот на Кирил Петков за претседател на Владата на Бугарија, при што двајцата се согласиле да продолжат да работат на изнаоѓање прифатливо решение за деблокирање на постапката за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија.
– На колегата Кирил Петков му го честитав изборот за претседател на Министерскиот совет на Република Бугарија. Во телефонскиот разговор на премиерот Петков му посакав успешен мандат и остварување на сите приоритети утврдени во програмата на неговата Влада, а со цел добробит и просперитет на бугарската држава и бугарските граѓани, објави Заев на официјалнатас Фејсбук страница.
Заев посочува дека во разговорот изразиле подготвеност да ја забрзаат комуникацијата и соработката низ повеќе работни групи во областите на економијата, културата, здравството, енергетиката, инфраструктурата и други области од интерес на македонските и на бугарските граѓани.
– Се согласивме да продолжиме да работиме на изнаоѓање прифатливо решение за деблокирање на постапката за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ и за нов позитивен импулс за зајакнување на билатералните односи меѓу нашите две земји, во име на заедничката европска иднина, наведува Заев на Фејсбук.