Премиерот Зоран Заев најави дека во текот на неделата ќе одржи средби со Алијанса за Албанците и Алтернатива (АА и А) за надминување на проблемот со блокираните закони во Собранието од пакетите мерки за борба против Ковид-19.

Утревечер имам конечен состанок со министрите за внатрешни работи и за правда и другите соодветни институции за да го заклучиме тоа што беше наша обврска од правата средба за прифаќање на сугестиите од страна на двете опозициски партии, Алијанса за Албанците и Алтернатива, за да можеме во среда, четврток или петок да го закажеме состанокот од кој очекувам да изнајдеме трајно решение за добивање на државјанства за оние наши граѓани кои немаат – изјави Заев во одговор на прашање на прес-конференција во Владата.

Тој ги повика и апелираше до двете опозициски партии да ги одблокираат законите.

Свесни се за нашата инклузивност во процесот и за нашето прифаќање на сугестии. Аргументациите кои беа дадени на маса се прифатливи, а тие ги разбраа и аргументациите на извршната власт кои им беа дадени пред нив како пратеници. Апелирам да ги повлечат амандманите за да се одблокираат сите закони од пакетите мерки за борба против Ковидот – изјави Заев.