-Жалам за коментарите дека ми пречел пркосот. Пркосот навистина е вредност, и кога тој доаѓа од институција е исто така вредност, но инаетењето и неспроведувањето на одлука на Влада и на етичката поставеност дефинирана во норматив што се вика Етички кодекс не е, рече премиерот Заев одговарајќи на пратеничко прашање на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова.
Според премиерот Заев, директорот на ДПИ Пауновски одбивал да комуницира и, ако имал некави забелешки и аргументи, требало да ги соочи со членовите на Владата.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова го праша премиерот Зоран Заев врз основа на кои членови и по кои закони е разрешен Пауновски.
– Администрацијата е костур на државата. Значи не ме шокира тоа што ве подржаа двајцата министри, Николовски и Груби, туку ме шокира консензусот со кој што ја донесовте одлуката, која е директно спротивна на принципот на владеењето на правото, а кој што е основен Копенхагенските критериум. Точно е дека директорот на Државниот пазарен инспекторат е именуван од Владата, кое е исто така лошо решение бидејќи тоа треба да биде преку конкурс, ама ете така е. Меѓутоа апсолутно тој не е подреден на премиерот ниту на министрите. Не постои никаква хиерархија помеѓу државна и јавна администрација. Тој стои на чело на една институција која функционира само врз начелата на стручност и компетентност, рече Силјановска-Давкова.
Вели дека ја шокирало тоа што 90 проценти од вработените застанале зад него, но не и министрите.
Директорот на ДЗИ Пауновски одби да прими 35 рамковни административци во институцијата со која раководеше со образложение дека не се квалификувани за работните места.