Премиерот Заев посочи дека Општина Охрид добива силна поддршка од централната власт за да се справи со бесправно изградените објекти на плажите.
-Денеска сме тука за да ја посведочиме сериозната посветеност на Општина Охрид во исполнување на препораките на УНЕСКО и на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, во делот на уредување и управување со крајбрежјето. Тоа е веќе сосема видливо на терен. Општина Охрид, со силна поддршка на сите надлежни институции од централната власт, покажа волја, капацитет и подготвеност за спроведување на нејзините обврски за отстранување на бесправните градби на плажите, истакна Заев.
Тој потенцира дека е во тек процес со кој се става крај на долгогодишниот хаос, злоупотреби и узурпации на најатрактивната зона од заштитениот појас.
-Речиси целосно се расчистени плажите од Пештани до хотел Метропол. Отстранети се нелегалните платформи, постаменти и ѕидови од најразлични градежни материјали. Откриени и отстранети се голем број нелегални одводни цевки и јами од кои се влевале отпадни води директно во Охридското Езеро. Сега течат активности со кои Општина Охрид ќе ги обезбеди сите потребни услови за непречено користење на плажите од страна на граѓаните и туристите, рече Заев.
Тој информира дека екипите на општинските јавни претпријатија деновиве интензивно спроведуваат активности за чистење и уредување на плажите.
-Извршено е посипување со автохтон песок на неколку локации. Се врши ревитализација на просторот, истакна премиерот.
Градоначалникот на Охрид потенцира дека општината за активностите добива целата поддршка и асистенција.
-Продолжуваме неуморно да работиме за интересите на Охрид како културен и туристички центар и да го зачуваме непроценливото богатство за идните генерации. Охрид и целиот Охридски Регион е туристичка атракција и заради печатот на УНЕСКО. Независно од тоа каква ќе биде одлуката на Комитетот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО во однос на статусот на заштитено подрачје кој го поседува Охридскиот Регион, ние цврсто стоиме на ставот дека нашата определеност за регулирање на овие состојби е непоколеблива и целосна, нагласи Георгиевски.
Тој потсети дека предлог-одлуката е базирана на Извештајот на УНЕСКО за состојбите до јануари 2020 година, а општината од тогаш до денес постигнала значителни резултати во насока на исполнување на сите препораки.
-Освен препораките на УНЕСКО, зад нашите заложби стои законот, правото и прописите кои задолжително мора да се почитуваат. Како дел од задачите понатаму, што произлегуваат од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, предвидени се активности што се неопходни за обезбедување на одржливиот развој на регионот и за зајакнување на институционалниот капацитет за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, рече охридскиот градоначалник.