Но тој не е единствен кој поднел оставка од партијата. Пред него, тоа го направи Бранко Црвенковски, кога во 2004 година, среде мандат, се повлече и од лидерската и од премиерската функција, за да се кандидира за претседател на државата. Четири години подоцна од лидерското место се повлече и Радмила Шекеринска, по поразот на тогаш опозициските социјалдемократи на првите предвремени парламентарни избори во 2008 година. Сепак, Заев е првиот на чело на СДСМ, а и воопшто на политичката сцена во државата кој поднел оставка поради пораз на локални избори.

Неговите партнери, како и повеќемина странски дипломати му забележаа дека „ги измешал лончињата“, со тоа што реши да замине и од челното место во централната (извршна) власт поради пораз на општински избори.

Но, кој ќе го наследи Заев. ТВ21 веќе објави дека, личноста која вчера седеше до него ќе биде и негов наследник, иако ова не беше ниту демантирано ниту потврдено. Заменик-министерот за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ Димитар Ковачевски е фаворит за наследник, но не сака да коментира.

Ковачевски, освен што е близок соработник на Заев, со кого заедно студирале на економскиот факултет, тој бил дел од ИО на СДСМ и во времето на Бранко Црвенковски. Неговиот татко, Слободан Ковачевски, пак, е поранешен градоначалник на Куманово и македонски амбасадор во Црна Гора.