Д-р Емилија Котеска Аврамчева во раните утрински часови почина од последиците на трагичен сообраќајен инцидент кој се случи вчера попладне, на автопат на влезот на Варшава.

Најдлабоко сочувство до нејзиното семејство, до ќерката Магдалена, синот Константин, мајката и сестрата изрази Македонската амбасада во Варшава од каде соопштија дека загубата е огромна и ненадоместлива.

– Д-р Емилија беше личност со извонредна енергија: исклучително успешна во својата професија како доктор, извонреден менаџер на нејзината приватна поликлиника во Жирардов со преку 70 вработени доктори, успешен бизнисмен и претприемач, но, истовремено, целосно посветена на ‘македонската кауза’ во Полска (и самата беше ќерка на бегалец од Егејска Македонија).
Таа постојано беше еден од носечките столбови на македонската заедница во Полска, секогаш подготвена да помогне. Само пред десетина дена таа прва донираше средства за Спомен-обележјето кое ќе се подигне во Полице-градот кој беше собирен центар за децата-бегалци во 1949 година. Таа имаше извонредна мрежа на контакти во Полска, на највисоко ниво. Нема да заборавам како, користејќи ги контактите со највисоките функционери во Полска, ја одигра клучната улога за Полска да прифати на лекување двајца пациенти од трагедијата во Кочани“, се наведува во објавата на Македонската амбасада на Фејсбук.

– Беше подготвена да помогне во секој поглед на Амбасадата. Истото искуство го имаа сите дипломати од претходните состави во Амбасадата. Не пропушташе ниту еден настан организиран од Амбасадата. И покрај нарушеното здравје, се уште имаше големи планови: инвестиции во нашата земја, отворање нова поликлиника во Варшава… Едноставно-беше неуморна, енергична, храбра жена, која и (ретките) неуспеси ја правеа уште поцврста и поупорна. За македонската заедница во Полска ова е ненадоместлива загуба, таа беше еден вид симбол на меѓусебното поврзување на релативно малиот број Македонци во оваа голема земја“, се наведува во објавата на Македонската амбасада.

Според првичните информации, несреќата се случила околу 15:50 часот на улицата Нова, неколку стотини метри по крстосницата, во правец кон Варшава.

– На местото веднаш интервенираа три противпожарни единици од Прушков, екипa за итна медицинска помош и хеликоптер на Воздушната амбуланта. Извршена е срцева реанимација на повредената и таа била стабилизирана и транспортирана со хеликоптер во болница – изјави портпаролот на Противпожарната служба во Прушков, Михаил Складановски.

За жал, полицијата утрово соопшти дека 72-годишната жена подлегнала на повредите во раните утрински часови во болницата.

Истрагата за околностите на несреќата е во тек. Полицијата ги испитува материјалните докази и сведоци за да ја утврди целосната одговорност за трагичниот исход.