Во кругот на полициската станица во Пробиштип денеска беше поставена спомен-биста на полицаецот Тоше Тодоровски, кој го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Тодоровски загина извршувајќи службени задачи за контрола на наркотици во клубот. Кога избувнал пожарот, тој останал внатре и не успеал да се спаси.
„Тоше не загина залудно, тој загина спасувајќи млади човечки животи и сум сигурен дека неговата смрт придонесе денеска да имаме барем едно дете живо и здраво. Хероите живеат вечно, Тоше ќе живее вечно,“ изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Претседателот на Независниот синдикат на полицијата Мартин Ефремов во своето обраќање потсети дека полицајците не се само колеги, туку дел од едно големо семејство. „Нека оваа биста не биде крај на една тажна приказна, туку почеток на нова полициска совест, за солидарност, поддршка и почит,“ додаде тој.
Трагедијата во „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 62 млади лица, а над 200 беа потешко повредени, останува најголемата катастрофа во поновата историја на Македонија, за која судскиот епилог сè уште се чека.