Во Музејот на град Скопје денеска е откриен споменик на Махатма Ганди. Откривањето на споменикот на овој духовен водач на индиската борба за независност претставува траен симбол на вредностите што ги обединуваат народите и поттик за натамошно зајакнување на пријателството меѓу Македонија и Индија.

Споменикот е откриен во време кога во посета на земјава е индиската претседателка Драупади Мурму која денеска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски присуствуваше на церемонијата во Музејот на град Скопје.

 

– Махатма Ганди ѝ припаѓаше на Индија, но неговата порака му припаѓа на целото човештво. Неговиот живот покажа дека вистината и ненасилството не се знаци на слабост, туку моќни инструменти за обезбедување правда, слобода и достоинство – рече Мурму.

Нагласи дека во време на конфликти, нетолеранција и поделби, вербата на Ганди во дијалогот, сочувството и мирниот соживот останува актуелна и денес.

– Се надевам дека посетителите на овој музеј, особено младите луѓе, ќе застанат пред неговата биста и ќе ја почувствуваат пораката на Ганди. Нека ги инспирира да ја отфрлат омразата, разликите да ги решаваат на мирен начин и да му служат на општеството со храброст и емпатија – истакна индиската претседателка.

Претседателката Сиљановска-Давкова со порака дека промената што сакаме да ја видиме во светот треба да започне токму од нас самите.

– Веројатно најважното наследство што го остави Ганди е идејата за ненасилно самоопределување како право на луѓето да одлучат за нивната судбина и иднина, но исто така и слобода да ги организира животите во согласност со нивната сопствена волја. Оваа желба за слобода е вековен идеал на индискиот, но и на македонскиот народ, нагласи Сиљановска-Давкова.