Мистериозна организација што се потпишува како „Борци на машката држава“ испратила закани со бомби за повеќе авиони на европски летови, најавувајќи дека ќе го обои небото црвено со експлозии. Италијанската полиција истражува кој стои зад анонимните електронски пораки и дали станува збор за координирана акција што опфаќа повеќе европски земји, пренесува италијанската новинска агенција АНСА.
Заканите конкретно се однесуваат на летовите од Хелсинки кон Рим и од Даблин кон Рим, како и на два авиона што веќе слетале на миланскиот аеродром Малпенса. Едниот бил на компанијата „Егејска ерлајнс“ со полетување од Солун, а вториот на авиокомпанијата „Рајанер“, кој во Милано пристигнал од Порто.
Анонимната порака, целосно напишана на италијански јазик, пристигнала рано утринава на електронските адреси на операторот „Аеропорти ди Рома“, кој раководи со римските аеродроми, но и кај други деловни субјекти што работат на самиот комплекс.
Во насловот на пораката стоело „Известување за закана“, при што самите испраќачи експлицитно тврделе дека нивна главна мета е таканаречениот феминистички режим.
Испраќачите во пораката навеле и дека имаат намера да остават трага во историјата, отворено упатувајќи закани за активирање експлозии во посочените патнички авиони.
Речиси идентична електронска порака била испратена и во една од канцелариите на аеродромот Малпенса, со тврдења дека се поставени експлозивни направи во двата авиона кои реализирале слетување во Милано.
Според информации од истражни извори, испраќачите во пораките навеле конкретни и прецизни податоци за летовите, вклучително и точните броеви, имињата на авиокомпаниите, појдовните градови и точното време на нивното слетување.
Италијанските истражни органи не ја исклучуваат опцијата овие закани да се директно поврзани со сличните дописи испратени до авиокомпании во изминатите денови, како и со серијата дојави за експлозивни направи во околу 280 училишта.
Полициските службеници се сомневаат дека зад случајот би можело да стои координирана операција на европско тло, поради што веднаш се активирани редовните меѓународни канали за безбедносна соработка.
Во истражните активности се вклучени специјализираните единици на аеродромската полиција и одделите за високотехнолошки криминал, кои работат на откривање на серверите и ИП-адресите од кои се упатени спорните електронски пораки.
Како дел од постапката се проверува и дали за испраќање на заканите биле користени компромитирани електронски сметки или сервиси со висок степен на енкрипција и анонимност, како платформата „Протон мејл“.
Сите прибрани првични сознанија за инцидентот ќе бидат процесирани до надлежните обвинителства со цел официјално отворање кривични истраги за секој од пријавените случаи.
