Интернационалецот на Алжир и член на германскиот тим Баер Леверкузен, Ибрахим Маза, е еден од најсериозните кандидати да биде доведен во Париз. Францускиот клуб бара соодветна замена за тешко повредениот Квича Кварацкелија.
Грузискиот фудбалер ги скина лигаментите на дуелот против Барселона во рамките од Лигата на шампионите. Раководството и стручниот штаб на ПСЖ сега интензивно размислуваат како да го заменат крилниот напаѓач, со оглед на фактот што тој ќе биде надвор од терените сѐ до крајот на тековната натпреварувачка сезона.
Списокот на потенцијални засилувања за парискиот тим содржи неколку звучни имиња, а според информациите на германските медиуми, едно од нив е токму младиот офанзивец Маза.
Фудбалерот кој е роден во Берлин своевремено настапуваше за младинските национални селекции на Германија, но подоцна одлучи да го облече сениорскиот дрес на репрезентацијата на Алжир. Тој бележи одлични настапи во тековната сезона, што го привлече вниманието на европските гиганти.
Од таборот на ПСЖ наводно имаат конкретна намера во претстојниот период сериозно да седнат на преговарачка маса и да договорат негов трансфер. Финансискиот пакет се очекува да биде доста висок со оглед на фактот што фудбалерот има само 20 години.
