Македонската медиумска сцена загуби едно од своите препознатливи телевизиски имиња. На 77-годишна возраст почина Цветанка Илиева, долгогодишна новинарка и уредничка во Македонската радио-телевизија.

Илиева го помина целиот свој професионален работен век токму во националниот јавен сервис. Таа водеше и уредуваше бројни успешни проекти и емисии, оставајќи длабока трага во програмата на МРТ со својата одговорност и посветеност на новинарската професија.

Колегите ја паметат како исклучителен професионалец и активен деец, која и по пензионирањето беше ангажирана во Сојузот на здруженија на пензионери. Беше ценета како скромна личност целосно посветена на своето семејство и пријателите.

Посмртните останки на Илиева ќе бидат изложени утре во капелата на Градските гробишта Бутел во период од 10 до 11 часот, каде што семејството, колегите и пријателите ќе ѝ оддадат последна почит пред погребот.