Занаетчиите се тие кои ја креваат локалната економија, со свои донации и вредните раце се оние кои ги изградиле градовите, затоа занаетчиската комора бара поддршка во овој кризен период за намалување на негативните економски ефекти предизвикани од корона-кризата.
Намалување на фирмарина, на закупнина, на данок на имот, на комунални такси додека трае пандемијата бараат занаетчиите од идните локални власти. Занаетчиската комора бара кандидатите за градоначалници, носителите на советнички листи од партиите, коалициите и групите избирачи во програмите со кои настапуваат на локалните избори да определат мерки и финансиски средства со кои ќе предвидат намалувања на даноците кои се прибираат во општинските каси и субвенционирање на старите занаети во сите општини во државата.
Тие бараат локалните самоуправи да им помогнат на занаетчиите во справување со сивата економија, да организираат заеднички промоции, саеми, манифестации, да ги вклучат занаетчиите во проекти. Еснафот бара да биде вклучен во локалните тела во кои ќе ги штитат интересите на оваа група работници.
Целта, како што велат од Занаетчиската комора е преку вакви мерки да се сопре иселувањата на стручните квалификувани кадри од државата, да се задржат занаетчиите во локалните заедници, да им се понуди поддршка, општините да им обезбедат услови за иновативно и конкурентно работење на пазарот.
– Ние со бизнис конфедерацијата на Македонија почнавме проект што се вика „Дијалог за подобри услови за бизнис на локално ниво“. Тргнувајќи оттука ги посетивме сите регионални занаетчиски комори и увидовме дека во сите региони во земјава има различни потреби за водење бизнис и различни потреби за занаетчиите. Овие барања излегоа како заеднички на регионалните комори, додека во различните региони има и посебни, специфични барања за конкретен регион. Неопходно е занаетчиите да бидат опфатени со мерки и од локалната власт, затоа што таа може да придонесе многу за подобрување на бизнис климата во општините каде што делува, вели претседателот на Занаетчиската комора на Република Северна Македонија и претседател на регионалната комора во Куманово, Агрон Фазлии.
Според него, важно е во периодот на пандемијата и кризниот период да се понуди поддршка за занаетчиите. Тој потсети дека поддршка добиваат од државните институции, но нагласува дека е многу важна поддршката на локалните власти во заедницата каде што работат и се препознатливи занаетчиите.
– Барањата имаат за цел да се задржат занаетчиите во живот, бидејќи сè уште има кризен период, здравствената криза има огромно влијание врз ситните занаетчии. Добро е и локалната власт да покаже дека се грижи за оваа група сограѓани, вели Фазлии.
Поддршката со намалувања на даноците и таксите во периодот на пандемијата ќе им заштеди средства на занаетчиите, кои тие ќе можат да ги реинвестираат во производството.
– Нашите сознанија се дека фирмарината се движи од 2.000 до 6.000 денари, различно е за секоја општина. Мора да се усогласат даноците што ги плаќаат занаетчиите, бидејќи со тоа локалната власт може да придонесе, целосно да ги укине, со цел да им помогне на занаетчиите, вели Фазлии.
Комората на занаетчиите бара и данокот на промет на имот за правните субјекти да биде намален за педесет проценти, во сите општини. Занаетчиите да користат и општински простории или целосно да им се укине закупнината.
– Многу ќе ни помогнат ако бидат ослободени од тие даноци во овој период додека трае пандемијата со Ковид 19. Занаетчиството е важно ние придонесуваме за зачувување на историјата, културно наследство, изјави Фазлии.
На државно ниво има околу 15.000 фирми кои вршат занаетчиска дејност и над 6.000 вршители на занаетчиска дејност, физички лица односно самостојни вршители се занаетчии. Не е тајна, вели Фазлии дека во последнава деценија има недостиг од сите занаети, водоинсталатери, плочкари, електричари … Комората бара и локалната власт да помогне и со МОН да го промовира занаетчиството помеѓу младите, да се обезбеди дополнителен кадар кој сѐ повеќе е дефицитарен.
– Одредени општини нема да ги спомнам сега бидејќи е предизборен период, субвенционираа и стари занаети и бараме истото да биде во сите општини кои се регистрирани занаетчии, тоа е нивна одлука колкави ќе бидат субвенциите, за да покажат интерес и на тој начин да го зголемат интересот кај младите за изучување, а старите занаети. Ова ќе влијае позитивно и на туризмот, бидејќи сега немаме мапирање стари занаети. Убаво ќе е да има простор да ги изложат производите, да го презенетираме традиционалното, изворното, културното наследсто, појаснува Фазлии.
Конкретно во Куманово недостига сувенирница, градот нема ниту една, така што едно од барањата на регионалната комора е да се обезбеди простор за сувенирница каде занаетчиите ќе ги изложат производите пред домашните и странските туристи. Регионалната Занаетчиска комора бара и нивното седиште да биде токму во Занаетчискиот дом, во централното градско подрачје, објект кој е изграден со донации од еснафот.