Во базата на Регистарот на цени и закупнини во вториот квартал годинава се евидентирани 7.676 трансакции, од кои 5.936 продажби на недвижности и 1.740 закупи на недвижен имот.

Споредбено по месеци во овој квартал може да се забележи дека најголем број трансакции има во април, односно во Регистарот на цени и закупнини се регистрирани 3.110 трансакции.

Најмалку трансакции се евидентирани во мај, и тоа 2.248, додека во јуни се регистрирани 2.318 трансакции.

Доколку се разгледа обемот на трансакции по месеци и по тип на трансакција, може да се заклучи дека најголем број купопродажби се регистрирани во април, односно 2.395 купопродажби, а најмногу регистрирани закупи се евидентирани во април, односно 715.

Зголемување има и кај купопродажбите и кај закупите споредено со второто тримесечие од минатата година. Ако во вториот квартал лани имало 3.209 купопродажби, во истиот квартал годинава тој број изнесува 5.936. Има зголемување и кај закупите, од 878 во периодот април-јуни лани, на 1.740 во истиот период од годинава.

Купопродажбите во вториот квартал годинава се во вредност од 203 милиони евра, а закупите од 721 илјада евра.

Во прилог на зголемувањето на активностите на пазарот на недвижности се и последните податоци за бројот на издадени одобренија за градење и станови.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во јули годинава се издадени 446 одобренија за градење, што е за 57 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите што ќе се градат изнесува 9 952 602 000 денари, што е за 97 проценти повеќе во однос на јули лани. И во јули годинава доминираат одобренијата за градење за објекти од високоградба, односно 284 од вкупниот број.  Во вториот квартал годинава е предвидена изградба на 1 945 станови.