Западнонилската треска може да остави долготрајни невролошки последици, а целосното закрепнување кај пациентите со најтешки форми може да трае со месеци, па дури и со години. Директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана, вели дека за вирусот сè уште не постои специфичен лек ниту во Македонија ниту во светот.
Во гостувањето во емисијата „Вести плус“ на Канал 5, Цана објасни дека третманот е супортивен, односно лекарите ги контролираат симптомите и се справуваат со можните компликации. По завршувањето на акутната фаза, особено внимание се посветува на рехабилитацијата и враќањето на изгубените функции.
„Досега ниту кај нас, ниту никаде во светот нема специфичен лек за западнонилската треска. Процесот на лекување е супортивен, се поддржува пациентот и се реагира доколку има компликации. По завршување на акутната фаза, голем акцент се става на рехабилитацијата. Доколку кај пациентот перзистираат тегоби, тоа не значи дека тој сè уште има активна инфекција, туку станува збор за секвели од акутната фаза кои бараат прегледи кај невролог и физикална рехабилитација. Тој процес кај најтешките форми може да трае со недели, месеци, па дури и со години“, нагласи д-р Цана.
Тој посочи и дека лицата кои ја прележале инфекцијата не треба да бидат стигматизирани, бидејќи вирусот не се пренесува од човек на човек. Пациентите не претставуваат опасност за луѓето околу нив, ниту во акутната фаза на болеста.
Податоците од меѓународни истражувања покажуваат дека кај дел од пациентите и по отпуштањето од болница можат да останат изразена слабост, малаксаност и одредени когнитивни нарушувања. Најтешките форми, како менингитисот и енцефалитисот, почесто се јавуваат кај повозрасни лица и кај оние со хронични заболувања.
По излегувањето од болница се препорачуваат редовни контроли кај инфектолог, првата во период од две до три недели. Доколку продолжат невролошките симптоми, пациентите треба подолг период да бидат следени и од невролози, со цел постепено враќање на функционалноста.
Цана предупреди дека иако вирусот е мал, неговите последици можат да бидат сериозни. Затоа, заштитата од убоди од комарци, превенцијата и почитувањето на препораките на здравствените институции остануваат најважните мерки за заштита.
