Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека му се допаднале бурните реакции предизвикани од неговата поддршка за обединувањето на Ирска. Тој не одговори кога би можело да дојде до обединување, ниту го коментираше прашањето за независноста на Шкотска.

Трамп денеска кусо разговараше со новинарите додека се движеше кон првиот терен во својот голф-ресорт во Донбег, во округот Клер. Ова е втор ден од неговата посета на Ирска, пренесе ДПА.

Американскиот претседател вчера изјави дека „би сакал да види“ обединета Ирска, додавајќи дека тоа на крајот ќе се случи.

На прашањето за дипломатскиот спор предизвикан од неговите изјави, Трамп одговори: „Ми се допаднаа“.

Запрашан повторно за реакциите на неговите коментари, тој рече: „Си ги сакам коментарите“.

Трамп не даде дополнителен одговор на прашањето за можната временска рамка за обединување на Ирска. Тој не одговори ниту на прашањето поврзано со независноста на Шкотска.

Американскиот претседател изјави и дека е „одлично“ да се биде во Донбег, додавајќи: „Ги сакам ирските луѓе“.

Ирскиот премиер Михол Мартин и други високи претставници на ирската влада присуствуваат на последниот ден од Отвореното првенство на Ирска, чиј домаќин е теренот на Трамп во Донбег.

Се очекува Трамп да му го предаде трофејот на победникот на турнирот во својот меѓународен голф-ресорт во Донбег, во округот Клер. Потоа, на крајот од дводневната агенда, тој треба да се врати во Соединетите Американски Држави.