Без да се напушти традицијата, и оваа кампања ВМРО-ДПМНЕ ја започна од Охрид. Наместо на градскиот плоштад, охриѓани се собраа во Античкиот театар да го слушнат претставувањето на кандидатите за градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков и носителот на советничката листа, Сашо Донев.
–Еве сме тука на почетокот на изборната кампања, традиционално во македонскиот Ерусалим, во нашиот бисер, град со чија вредност и минато сите се гордееме, и за чија подобра, нова иднина сите заедно ќе се бориме“, рече претседателот на партијата Христијан Мицкоски поздравувајќи ги присутните обединети под слоганот „Создади нова иднина“.
–Ова се навидум обични избори. Но ако се погледне подлабоко, се нешто повеќе од тоа. Од нив зависат многу работи, сите поврзани со иднината на нашата држава Македонија. На овие избори или ќе продолжи државата да функционира на ваков начин како изминативе години и ќе бидеме сведоци на уште продлабочена корупција, хаос, нефункционирање на системот, отсуство на одговорност, немање правда, социјални и економски проблеми и стагнација на државата, експериментирање во образованието, пропаѓање и нехуман однос кон земјоделците, или ќе создадеме сите заедно една нова поинаква, различна, подобра иднина, рече тој.
Заев: „Најдоброто“ носи јасна идеја и план за развој на секој град и на целата држава
„Најдоброто” носи јасна идеја и јасен план за развојот на секој град, на секое населено место, на целата држава, а од другата страна, ДПМНЕ нуди огромна неизвесност, ризик, опасност и закана, за враќање во темното минато, порача денеска премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев од Демир Хисар на стартот на кампањата „Најдоброто за мојата општина“ на Коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз.
–На овие избори СДСМ и коалицијата ја има најдобрата понуда на домашната политичка сцена. Нашата најдобра понуда значи постојана отворена комуникација меѓу градоначалникот и вас, граѓаните, но значи и заедничко одлучување. Најдобрата понуда значи зелена агенда како врвен приоритет, брз локален економски развој и инфраструктурни инвестиции во сите општини и региони за рамномерен развој“, нагласи Заев.
Тој потенцира дека голем дел од општините во изминатите четири години беа предводени од кадри на СДСМ, кои работеа посветено, вредно и напорно и таа силна динамика мора да продолжи.
–Служењето на граѓаните продолжува, а победата на овие локални избори ќе биде потврда и за политиките на централно ниво. Изборот на Најдоброто на овие избори, ќе ја повтори определбата на граѓаните да живеат во модерна европска земја, пријател на регионот и светот“, истакна Заев, додавајќи дека овие избори се важни и за, како што рече, „неодговорната опозиција да не добие можност повторно да прави штета на локално ниво“.