Примирјето почна во петокот рано утрината, во 2 часот, со што заврши 11-дневната размена на гранатирања што предизвика ново уништување на Газа, го потресе Израел и предизвика меѓународна загриженост дека ќе има уште поширок конфликт во регионот.

Египет, земјата која посредуваше во завршувањето на конфликтот со помош на САД, во петокот околу пладне испрати делегација во Израел да разговара за зајакнување на примирјето, вклучувајќи и испраќање помош за Палестинците во Газа, изјавија претставници на Хамас за британскиѕте медиуми.

Делегатите оттогаш посредуваат меѓу Израел и Газа, додека преговорите продолжија и денеска, соопштија палестинските власти.

И покрај вчерашните судири меѓу израелската полиција и палестинските демонстранти во Ерусалим, од денеска изутрина нема извештаи за ракетни напади на Хамас од Газа или израелски воени напади врз енклавата.

Американскиот претседател, Џо Бајден, пред два дена изјави дека Вашингтон ќе работи со Обединетите нации на доставувањето хуманитарна помош во Газа, како и помош во градењето, со внимателност оваа помош да не се користи за вооружување на Хамас, движење кое Западот го смета за терористичко.