Почна поставувањето заштитни нано филтри на прозорците на сите 11 градинки под надлежност на Општината Центар. Од Општината соопштија дека здравјето и добросостојбата на децата е еден од нивните врвни приоритети во работата.
Досега филтри се поставени на матичниот објект на детската градинка „Кочо Рацин“, на прозорците на објектот „Наум Наумовски Борче“ од истата градинка, а во текот на наредните денови исти такви филтри ќе се постават и на останатите девет објејкти на општинските детски градинки.
Филтрите имаат за цел да делуваат против ПМ честичките и штетните надворешни влијанија, кои се особено изразени во зимскиот период. Со поставувањето на филтрите во голема мера се намалува изложеноста на децата на ПМ 10, ПМ 5 и ПМ 2,5 честичките, воедно спречувајќи го загадувањето на амбиенталниот воздух и просториите во градинките. Нано филтрите се изработени од еколошки и биоразградливи материјали, не нанесуваат штета на здравјето на децата и вработените и не ја загадуваат животната средина, информираат од Општината.