Интеграцијата на Западниот Балкан во Европската Унија е логичен и неопходен процес, порача премиерот Христијан Мицкоски при пристигнувањето на Самитот ЕУ–Западен Балкан што се одржува во Брисел.
Мицкоски оцени дека е охрабрувачки што регионот е повторно во фокусот на Европската Унија, нагласувајќи дека тоа е позитивен сигнал и за граѓаните на земјите од Западниот Балкан, бидејќи, како што рече, на тој начин се покажува интерес за заедничката европска иднина.
– Добро е кога Западниот Балкан е во оптиката на Европската Унија и тоа е охрабрувачки и за граѓаните од регионот, затоа што на тој начин се покажува интересот за нашата заедничка иднина, изјави Мицкоски.
ЗАСЛУЖИВМЕ ЧЛЕНСТВО МНОГУ ОДАМНА
Тој посочи дека Западниот Балкан географски ѝ припаѓа на Европа и дека затоа е природно регионот да се интегрира во рамките на Европската Унија.
- – Ние како држава заслуживме членство многу одамна, бидејќи нашиот пат започна пред 25 години, но поради, би рекол, вештачи причини сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство, истакна Мицкоски.
Премиерот нагласи дека државата и Владата остануваат посветени на исполнување на сите обврски во пристапниот процес кон ЕУ, но дека тие напори не се водат само поради самиот процес.
– Државата и Владата се обврзуваат да го испорачаат сето она што е потребно во пристапниот процес кон ЕУ, но не поради самиот процес, туку, пред сè, поради македонските граѓани, бидејќи тие го заслужуваат тоа, рече Мицкоски.
