Естонија најави затворање на сите гранични премини со Русија, мерка што ќе стапи на сила следниот месец и ќе трае шест месеци. Ваквиот чекор уследи по сомнителниот напад со подметнување пожар врз естонска одбранбена компанија, инцидент за кој официјален Талин директно ја обвини Москва, иако првично не беше соопштен точниот временски рок за траењето на блокадата.
„Оваа одлука е одговор на континуираните непријателски активности на Русија против Естонија и други европски земји“, се наведува во официјалното соопштение на владата.
„Компании од естонската одбранбена индустрија беа цел на напади двапати оваа година, а според Естонската служба за внатрешна безбедност, двата напади биле организирани од руските специјални служби“, соопштија властите.
Официјална Москва постојано ги отфрла ваквите обвинувања од европските држави за каква било вмешаност во акти на саботажа. Естонија е членка на НАТО и на Европската Унија и важи за цврст сојузник на Украина, а во моментов функционираат вкупно пет гранични премини преку кои патниците можат да влезат или излезат од руска територија.
