Заврши обдукцијата на 33 годишната жена која почина на КАРИЛ, а за која семејството обвинува за несовесно лекување додека била оперирана на Гинеколошко акушерската клиника. За неа, семејството обвини дека и биле пресечени цревата на четири места за време на операција на ГАК, нешто кое што од гинеколошко акушерската клиника негираат дека се случило и посочуваат дека руптурата на тенкото црево е спонтана, а не предизвикана од оперативниот зафат што и бил изведен поради голем тумор на матката. Според гинекологот и директор на Клиниката за гинекологија, доктор Викторија Јовановска, локацијата каде се одвивал оперативниот зафат, не е блиску до местото каде што настанала руптурата и таа руптура не е поврзана со конкретната операција.
Директорот на Судска Медицина, доктор Александар Станков за „Слободен печат“ потврди дека обдукцијата завршила, но рекол дека не е доволна за да се утврди причината за смртта, без да се погледне медицинската документација од клиниките каде пациентката била третирана. Неофицијално се дознава дека во обдукциониот наод, констатирано било воспаление.
Станков вели дека наскоро ќе биде известено обвинителството за наодите од судска медицина и ќе мора да се прават дополнителни вештачења за кривичната пријава за несовесно лекување што ја поднесе семејството на пациентката. Меѓутоа, директорот на судска медицина е дециден дека лекарска негрижа не се докажува ни преку медиумите ни преку социјалните мрежи туку на суд. Тој рече дека не е можно од обдукцијата да се констатира лекарска негрижа, туку таа процедура трае долго време.
Како што информираа од ГАК нивната Комисија за контрола на квалитет при клиниката по разгледување на документацијата од приемот до исписот заклучила дека пациентката е третирана по сите протоколи под висок стручен надзор.
Не станува збор за родилка, туку за пациентка со гинеколошки проблеми поради кои беше оперативно третирана на нашата клиника. Пациентката е примена на ГАК на 21 април со голем тумор на матката и е извршена операција наредниот ден со уреден оперативен тек. Во првите шест дена, пациентката е стабилна и е на исхрана преку уста. Шестиот ден по операцијата поради силна болка, пак е направен оперативен зафат со присутен абдоминален хирург за да се утврди зошто се влошила состојбата. Најдена е спонтана руптура на тенкото црево, најверојатно како резултат на претходните болести, посоочија од ГАК.
Потоа во договор со абдоминален хирург, жената била пренесена на Клиниката за дигестивна хирургија. На 11 ден после операцијата, на оваа клиника, пак настанала компликација со цревата, најверојатно од поранешните болести, па пациентката пак е оперирана. Потоа била стабилна и хоспитализирана на Клиниката за дигестивна хирургија. Но, на 9 мај, поради сомнение за тромбоемболија, ја префрлиле на КАРИЛ каде брзо починала. Од ГАК напоменуваат дека пациентката имала коморбидитети, претходни операции на слезинка и лимфните јазли.
Комисијата за квалитет на ГАК по случајот заклучи дека жената била третирана како високоризичен пациент, но по сите протоколи и совесно.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат почна вонреден инспекциски надзор на клиниките за гинекологија, дигестивна хирургија, КАРИЛ и кај матичниот гинеколог и ќе информира за наодите по завршувањето.
Семејството поднесе кривична пријава против непознат сторител за несовесно лекување за која ќе се прават дополнителни вештачења од оние кои досега се направени.