Првичната бројка е околу 350 лица, она што беше и таргетот и од нашите сознанија, почнувајќи од Визбегово, Чичино Село, значи е завршен тој процес на попис. Сега останува големиот дел на пописот што стартува од 1 април, истакна денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

При денешната посета на новиот Дневен центар за деца и млади со интелектуална попреченост при ЈУ Завод за рехабилитација на деца и млади, населба Топанско поле, министерката порача дека пописот е безбедна и елементарна статистичка операција. Оттука, како што рече, е неразбирливо наметнувањето на тезата дека тоа е политичко прашање на кое што треба да се вкрстуваат копјата од страна на спротивставените политички страни – власт и опозиција во општеството.

– Доколку се почитуваат протоколите, а секако попишувачите имаат специјални обуки покрај обуката на начинот како треба да прават попишување на граѓаните, посебни обуки за тоа како треба себеси да се заштитат со заштитната опрема, со носење на маски, со носење на визери, носење на ракавици, на тој начин се штитат и себеси, меѓутоа секако ги штитат и лицата во домаќинствата каде што треба да се обавува пописот, обазложи министерката за труд и социјална политика.

Иво услови на пандемија, потенцираше, ние како граѓани функционираме.

– Ние сите одиме, ги обавуваме секојдневните потреби и обврски. Одиме на работни места, одиме во продавници, купуваме храна, одиме во здравствени установи затоа што не само заради пандемијата имаме потреба од консултација на лекар. Така што со доследно почитување на протоколите многу е значајно пописот да се заврши. Особено е значаен пописот за институција за МТСП. Зошто? Затоа што цели 20 години ние ги немаме вистинските бројки на категориите на граѓани чии проблеми ги адресира односно ги решава МТСП, нагласи министерката.

Таа посочи дека е важен бројот на пензионерите заради тоа што тоа ја генерира потребата од изградба на нови домови за сместување на стари лица. Важен е, како што рече, бројот на лицата со попреченост за кои СЗО вели дека е 15 проценти од општата популација, а тука директорот рече дека имаме 33 лица коишто се сместени 24-часовно во интернатот.

– Понатаму, многу е значајна бројката на деца заради тоа што ја наметнува потребата за предшколско образование и бројот на градинки коишто МТСП треба да ги креира, приматели на социјална помош итн. За вие да испорачате квалитетни политики тие мора да бидат втемелени на реални, објективни податоци коишто се добиваат пред се со пописот како една статистичка операција која што во исто време се спроведува во целата држава, истакна Шахпаска.