Исклучок од оваа мерка се рестораните во рамки на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, но и угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт.

Согласно владината одлука, воведена е и забрана за посетители во сите обложувалници низ државата. Поточно, приемот на посетителите и работата на обложувалниците ќе биде овозможена исклучиво преку вршење на шалтерска услуга, шалтер, штанд, пулт.

Од вчера пак, затворени се фитнес салите, спортските и салите за вежбање, а забрането е и организирање, одржување и учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции.

Полицискиот час вчера почна два часа порано, односно во 20 часот наместо како во изминатите денови во 22 часот, и траеше до 05 часот изутрина. Оваа дополнителна рестриктивна мерка ќе важи до 20 април.

На земјоделците им се овозможува движење врз основа на дозволите од подрачните единици и општинските кризни штабови до пазарите и назад од пазарите, до нивите и слично. Мерка која што беше овозможена пролетта.

За оние граѓани кои извршиле имунизација во центрите за вакцина во непосреден период пред полицискиот час, ќе им се дозволи враќање во своите живеалишта врз основа на потврда за вакцинација.

Што се однесува до граѓаните кои живеат во станбени објекти за колективно домување и кои имаат домашни миленичиња – куче, тие може да ги изнесуваат надвор од своите домови во вечерните часови во времетраење од еден час, почнувајќи од 22:00 часот до 23:00, најмногу до 100 метри од објектот во кој живеат.

Целта на овие мерките, според надлежните, е да се заштити здравјето на граѓаните. Тие сметаат дека овој трет бран на Ковид-19 е најсилен, и треба побрзо да заврши.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека со сопственото однесување и одговорност, придонесуваме за побрзо завршување на овој трет, досега најсилен бран.

-Во изминатиот период имаше огромен наплив на пациенти во болниците. Интервениравме со ангажирање дополнителни одделенија, инсталирање кислород, екстра кадар по системот на ротација и успеавме добро да го одржиме здравствениот систем и за секој пациент да се обезбеди болнички кревет, рече Филипче.

Сега, како што укажа, сме во период кога е навистина оптоварен здравствениот систем, а пред нас се празници.

– Имајќи го предвид искуството од минатата година кога ваквите празници конкретно рамазанските пости и Велигден во истиот период, сериозно ја искомплицираа и ја усложнија епидемиолошката ситуација, сметаме дека доколку тоа сега се случи со веќе оптоварен здравствен систем, тоа ќе биде кризна ситуација што тешко ќе се менаџира. Тоа е причината за воведувањето дополнителни рестриктивни мерки со цел овој трет и досега најсилен бран на Ковид-19 на некој начин забрзано да го завршиме. Верувам дека граѓаните ќе се придржуваат до сите овие мерки. Мора да сме свесни дека со сопственото однесување, одговорност, носењето маска и одржувањето дистанца придонесуваме за што пократко време да заврши и овој бран, порача министерот за здравство