Наш избор за Лидер на неделата е најуспешниот македонски планинар, Здравко Дејановиќ, кој во минатите десетина години искачи три врва на Хималаите над осум илјади метри, Монт Еверест (8.848 м), К2 (8.611 м) и Анапурна (8.091 м).
Негов предизвик е искачувањето на врвови повисоки од осум илјади метри без користење на дополнителен кислород.
Во разговорот тој открива дека со планинарење се занимавал уште од детство, а на планина првпат го однел неговиот пријател кога заедно со него за прв пат се качил на Водно, ни најмалку не претпоставувајќи каква хималајска иднина го очекува.
Дејановиќ зборува и за неговиот последен обид за искачување на Лотце (8.516 М), четвртиот највисок врв на Хималаите, искачувајќи го самостојно, без боци со кислород и без поддршка на шерпаси.
Во гостувањето на Радио Лидер тој се потсети и на искачувањето на еден од најтешките врвови, кога за да го овековечи тој миг губи неколку од неговите прсти. Размислувал ли за последиците или најважно било само да се вее македонското знаме на 8000 метри, погледнете во интервјуто.