Украинскиот претседател Володомир Зеленски им одзеде државјанство на четворица политичари, меѓу кои и Виктор Медведчук кој минатата година неше префрлен во Русија во рамки на договорот за размена на затвореници.
„Решив да укинам државјанство на четири лица – Андрија Леонидович Деркач, Тарас Романович Козак, Ренато Равелиович Кузмин и Виктор Володимирович Медведчук. Ако претставници на народот изберат да не им служат на Украинците, туку на убијците кои дојдоа во Украина, нашите акции ќе бидат соодветни“, рече Зеленски во последното видео обраќање.
Медведчук, кого „Ројтерс“ го опишува како близок сојузник на рускиот претседател, Владимир Путин ја предводеше забранетата проруска партија „Опозициска платформа – За живот“, во Украина се соочуваше со обвинувања за предавство пред да биде префрлен во Москва во септември 2022 година.
Козак и Кузмин беа избрани во украинскиот парламент како членови на партијата на Медведчук. Козак, кој е сопственик на три телевизиски канали, беше под американски санкции од јануари 2022 година за наводно ширење на руски дезинформации, по што Киев го обвини за велепредавство.
Деркач, за кого Вашингтон, исто така, воведе санкции, во декември беше обвинет од САД за перење пари и кршење на санкции. Тој, беше обвинет дека ѝ помагал на Русија во наводното мешање во претседателските избори во САД во 2020 година.