Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика меѓународната заедница да спречи несреќа во нуклеарната централа Запорожје.

Русија ја презеде контролата врз нуклеарната централа Запорожје, најголема во Европа, набрзо откако во февруари изврши инвазија врз Украина .

„Секој радиоактивен инцидент во нуклеарната централа Запорожје може да биде удар и за земјите од Европската унија и за Турција, и за Грузија и за земјите од подалечните региони“, предупреди Зеленски и додаде „сето зависи само од насоката и брзината на ветерот“.

Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за гранатирањето на Запорожје во текот на изминатата недела. Во првите напади на 5 август беше погоден трансформаторот на високонапонскиот далновод поради што автоматски беше запрен третиот реактор и се вклучија резервните генератори.

Во нападите во четвртокот беа оштетени пумпната станица и уредите за мерење на ниво на радијација.