Вашингтон продолжува со дипломатските разговори со Киев, Москва и европските партнери во обид да се најде решение за војната во Украина. По денешната средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Њујорк, американскиот претседател Доналд Трамп изрази уверување дека двете завојувани страни наскоро би можеле да постигнат договор.

Разговорот се одржа на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.

„Имаме многу добар однос. Претседателот Зеленски и јас се обидуваме да најдеме решение и мислам дека тоа ќе се случи. Навистина мислам така. Односот е многу силен, а силна е и соработката со Европа“, рече Трамп.

Американскиот претседател не одговори директно на прашањето дали и натаму верува дека Украина може да ја врати целата своја територија. Тој посочи дека дипломатските контакти продолжуваат и дека не сака да го предвидува исходот од евентуалниот договор.

„Мислам дека тие ќе постигнат договор и не сакам да прогнозирам каков ќе биде тој. Многу разговараме за тоа, вклучително и со претседателот Владимир Путин, и мислам дека нешто ќе се случи. Украинците се многу добри борци и навистина можат да бидат горди на себе“, изјави Трамп, оценувајќи го украинското раководство како „сосема способно“.

Осврнувајќи се на украинските напади врз руските капацитети за преработка на нафта, Трамп оцени дека тие ѝ нанеле сериозен удар на Русија, но истовремено влијаеле и врз глобалните цени на дизелот.

„Мислам дека и Путин и Зеленски сакаат да видат крај на војната. Да бидам искрен, време е. Многу луѓе загинуваат и никој не го сака тоа“, додаде тој.

Трамп потврди дека се разговара и за можноста ракети за противвоздушните системи „Патриот“ да се произведуваат во Украина.

„Разговараме за тоа. Украина има многу способен производствен капацитет и неверојатно способни луѓе“, рече американскиот претседател.

Зеленски, од своја страна, изрази надеж дека конфликтот ќе заврши во најкус можен рок и дека Трамп ќе помогне во постигнувањето на таа цел.

„Се надевам дека ќе ја завршиме оваа војна и оти претседателот Трамп ќе ни помогне во тоа. Ова треба да се направи што е можно побрзо, пред да настапи зимата“, порача Зеленски.