Украинскиот претседател Володимир Зеленски категорично го отфрли предлогот на Владимир Путин Украина да се повлече од Донецк како дел од мировен план кој, според медиумите, бил поддржан од американскиот претседател Доналд Трамп. Во телефонски разговор кој траел час и половина, Зеленски му порачал на Трамп дека таква опција не е можна и дека „нема повлекување од Донецк“, пренесе Ројтерс.
Извор запознаен со разговорот за агенцијата изјавил дека Трамп му рекол на Зеленски оти Путин е подготвен да ја запре борбата на други фронтови ако Украина се повлече од источниот дел на земјата. Зеленски повторил дека нема да се откаже од Донбас. Во исто време, лидерите на НАТО и европските земји се приклучија на ставот дека мировен договор може да се постигне само ако се почитува територијалниот интегритет на Украина.
Русија моментално контролира три четвртини од регионот Донецк и петина од вкупната територија на Украина. Според „Фајненшл тајмс“, Путин на самитот со Трамп побарал Украина да се повлече од Донецк во замена за замрзнување на фронтот во Херсон и Запорожје. „Њујорк тајмс“ објави дека Трамп го поддржува овој план и верува дека мирот може брзо да се постигне ако Украина се согласи да го предаде остатокот од Донбас.
Следната недела Трамп и Зеленски треба да се сретнат во Белата куќа. За средбата се поканети и европски лидери, иако засега не е јасно кој ќе одговори. Зеленски останува на цврстата позиција дека нема да им го даде Донбас на Русите. „Ако денес се повлечеме од Донбас – од нашите утврдувања, од теренот и височините што ги држиме, очигледно ќе им го отвориме патот на Русите за нова офанзива“, рече украинскиот претседател.
Таквиот план, како што предупредуваат и европските лидери, би бил спротивен на принципот дека меѓународните граници не можат да се менуваат со сила и дека секој мировен договор мора да го почитува територијалниот интегритет на Украина. Дополнително, за таков договор би било потребно и одобрување од украинскиот парламент.
Вашингтонската средба ќе биде тест дали американската страна ќе се ангажира во архитектурата на безбедносни гаранции и дали Трамп ќе ја смири критиката дека со церемонијата во Енкориџ му подари политички поени на Путин без ништо за возврат. За Киев е клучно да избегне впечаток на договор под притисок и да се обезбеди проверлив механизам за гаранции. Во меѓувреме, руските удари не престануваат, што ја затемнува целата дипломатска слика.
Дали Украина ќе го изгуби и Донбас, како што ја изгуби шансата со Курск?
Ако Зеленски и неговата влада останат на сегашната линија, ризикот е да се повтори сценариото со регионот Курск, кој го изгубија како карта за трампа. Прашањето е дали сега ќе го изгубат и Донбас и што ќе остане за преговарање.
Тогаш веќе нема да има простор за територијални прашања, туку ќе се разговара за демилитаризација во замена за гаранции за безбедност. Тоа би значело Украина да нема право на ракети и тешко вооружување, да се воведат ограничувања за бројот и форматот на армијата и да се редуцира нејзината одбранбена моќ.
Затоа, Украина треба веднаш да седне на маса за преговори, додека апетитите на Кремљ сè уште се ограничени поради притисокот од Трамп. Ако војната продолжи, Русија би можела да бара и други региони. Во сценарио на продолжен конфликт, украинскиот човечки ресурс неизбежно ќе се исцрпи – веќе се мобилизираат луѓе директно од улица.
Во таков случај, Кремљ би можел да постави нови услови и да побара пристап и кон Одеса, Херсон или Запорожје. Ова ја прави сегашната дипломатска можност уште поважна, бидејќи во спротивно преговарачката позиција на Киев би се ослабела до точка на целосна капитулација.