Украина предложи нова рунда преговори во Турција со агенда за затвореници, киднапирани деца и средба на лидери

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека е предложена нова рунда преговори меѓу Москва и Киев. Клучната иницијатива ја презел секретарот на Советот за безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров. Тој ѝ предложил на руската страна нова рунда преговори да се одржи во Турција.

„Нашите претставници подготвуваат барем уште една размена со Русија. Рустем Умеров ѝ предложил на руската страна нова средба да се одржи во Турција. Дневниот ред е јасен: враќање на затвореници, враќање на деца и подготовка за средба на лидерите“ изјави Зеленски на прес-конференција.

Зеленски побара од украинските дипломати да ја информираат Турција како земја домаќин на разговорите. Тој нагласи дека е неопходен посебен пристап кон овие преговори и посебна агенда. Украинската страна бара и целосна политичка поддршка од Турција како посредник во дијалогот.

Од Русија, се огласи портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, со коментар за можните разговори. Тој рече дека руските и украинските предлози се дијаметрално спротивни во меморандумот за решавање на конфликтот.

„Ќе биде потребна многу дипломатска работа пред да дојде до конкретен напредок“, рече Песков.

Тој нагласи дека Москва е отворена за трета рунда преговори, но засега нема точен датум.

„Во составот на нашата преговарачка група нема да има промени“, изјави портпаролот на Кремљ.

Преговорите, според украинската иницијатива, би требало да ја поттикне размената на затвореници. Покрај тоа, главна точка е враќањето на децата киднапирани од територии под руска контрола.