Состанок во „Рамштајн формат“ со земји од Г7 и Европа
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска објави дека оваа недела ќе се одржат разговори со меѓународните партнери во Франција, со фокус на енергетиката и зајакнување на снабдувањето. Најавата доаѓа по неколкунеделните масовни прекини на струја во Украина предизвикани од руските напади, кои ги погодиле милиони граѓани.
Состанокот, одржан во рамките на таканаречениот „Рамштајн формат“, ќе ги вклучи земјите од Г7, како и партнерите од северна Европа и Балтикот. Зеленски посебно ги именуваше министрите од САД, Канада и Европската Унија, пренесе ДПА.
Масовни прекини на струја и подготовка за мировни преговори
Систематските руски напади предизвикаа повеќечасовни прекини во снабдувањето со електрична енергија, вода и греење во големи делови од Украина. Најавата за средбата доаѓа еден ден пред новата рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина, кои се планирани да се одржат во Женева.
Зеленски истакна дека отстапувањето територија на Русија го смета за погрешен пат. Тој нагласи дека Украина е подготвена за компромиси, но тоа не значи дека ќе се откаже од својата територија.
„Не сме подготвени да прифатиме компромис што би овозможил на Русија да закрепне и повторно да ја окупира Украина“, рече Зеленски.
Американски безбедносни гаранции
На Минхенската безбедносна конференција во саботата, Зеленски ја истакна важноста на американските безбедносни гаранции за Украина. Тој додаде дека Вашингтон понудил период од 15 години, додека Киев се надева дека гаранциите ќе траат најмалку 20 години.
