Украинскиот претседател Володимир Зеленски  потпиша указ за воведување санкции против рускиот филмски режисер и оскаровец Никита Михалков и 118 други истакнати руски уметници, како и неколку државјани на Украина, се наведува во документот објавен на веб-страницата на украинскиот претседател.

Санкциите, меѓу другото, се воведени и против оперската пејачка Ана Нетребко, филозофот Александар Дугин, генералниот директор на медиумската група „Северна Русија“ Дмитриј Кисељов и главната уредничка на ТВ-каналот РТ Маргарита Симонјан, пренесува ТАСС.

На списокот се и неколку државјани на Украина.

Санкциите вклучуваат блокирање на банкарски сметки, суспензија на економски и финансиски обврски, суспензија на културна размена и соработка, забрана за влез во Украина, одземање на украинските државни награди и друго.

Овие ограничувања ќе важат 10 години, јави ТАСС.

Пред два дена руските медиуми објавија дека Михалков е итно префрлен во болница поради инфекција со коронавирусот и дека е во тешка состојба.

Михалков беше жесток противник на вакцинацијата. Во една од епизодите на неговата ТВ програма „Бесогон“, тој рече дека основачот на „Мајкрософт“, американскиот милијардер Бил Гејтс ја искористил ситуацијата за да ги чипира луѓето под маската на вакцините против Ковид-19.

Сепак, во пролетта 2021 година, режисерот рече дека одлучил сепак да се вакцинира против коронавирусот. „Се вакцинирав затоа што сфатив дека ја губам будноста: одам, комуницирам. Почнав да се фаќам себеси како заборавам на маската“, рече тој.