Министри од британската Влада денеска ќе се сретнат со претставници на синдикатите, за да се обидат да го прекинат најголемиот бран штрајкови во повеќе сектори, вклучително здравството и транспортот.

Синдикатите за образование, кои подоцна оваа недела ќе ја објават својата одлука дали ќе штрајкуваат, треба да се сретнат со министерот за образование, министерот за здравство ќе разговара со синдикатите што ги претставуваат работниците од Службата за итна медицинска помош и медицинските сестри, а министерот за транспорт ќе се сретне со синдикатот на железницата.

Владата тврди дека зголемувањето на платите на што инсистираат синдикатите согласно зголемената инфлација, само ќе поттикне понатамошно зголемување на цените и каматните стапки на хипотеките.

Британскиот премиер Риши Сунак денеска изјави дека Владата се залага за разумно, можно и одговорно зголемување на платите.

Сунак вчера рече дека е подготвен да разговара за зголемување на платите на медицинските сестри, кои треба повторно да штрајкуваат на 18 и 19 јануари, по дводневниот штрајк во декември.

Синдикатите најавија дека ќе го прекинат штрајкот во наредниот период доколку платите се зголемат согласно растот на инфлацијата, додека Владата сака да преговара за зголемување на платите за следната година.