Серијата земјотреси кои го зафатија турскиот југо-исток не запира. По катастрофалниот земјотрес кој се случи ноќеска, следуваше потрес од 6,7 степени а нешто пред пладне, бил регистриран нов силен земјотрес од 7,5 степени.

Разорниот земјотрес, кој ја зафати југоисточна Турција, во близина на границата со Сирија, предизвика огромна материјална штета и смртоносен биланс, кој од минута во минута се зголемува.

Според американскиот геолошки центар, катастрофалниот потрес со силина од 7,8 степени се случил околу 4 часот и 17 минути наутро, додека луѓето спиеле, на длабочина од 17,9 км, во близина на градот Газијантеп.

Според турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, станува збор за најлошиот земјотрес во Турција од 1939-тата година, додавајќи дека срамнети со земји биле повеќе од 2 818 згради.

„До овој момент, 912 наши граѓани ги загубија животите. 5 385 наши луѓе се повредени додека 2470 биле извлечени од под урнатините“ – изјави турскиот лидер, Реџеп Таип Ердоган.

Епицентарот на земјотресот е во провинцијата Каранманмараш, градот Пазарџик. Потресот предизвикал огромно уништување во широк регион. Срамнети со земја се бројни станбени згради во градовите Газијантеп, Каранманмараш, Хатај, Османије, Адијаман, Малатија, Шанлурфа, Адана, Дијарбакир и Килис.

Повеќе стотици луѓе, кои во паника ги напуштиле своите домови по земјотресот набргу потоа заедно со бројни спасувачи се обидувале да им помогнат на луѓето кои останаа затрупани под урнатините.

Но, покрај страотното уништување, земјотресите зад себе оставија голем број нестабилни згради, што само го зголемува ризикот од нови трагични настани.

Новинарските екипи забележаа повеќе случаи на уривање на згради непосредно покрај спасувачките екипи или во близина на цивилите кои се на улиците.

Спасувачките активности, во наредните денови дополнително ќе бидат отежнати од лошите временски услови, ниските температури и најавените снежни врнежи.

Во овој дел од Турција, најтешко погоден од земјотресот сместени се и милиони бегалци од Сирија, кои ја напуштија својата земја заради крвавата граѓанска војна, која најголем дел од меѓународната заедница веќе ја заборави.

На Сириската страна од границата, земјотресот ги зафати регионите кои ги контролира опозицијата и кои се преполни со стотици илјади внатрешно раселени Сиријци. Најголем дел од овие луѓе и претходно живеа во згради веќе оштетени од бомбардирањата.

За нив треба да се грижи и да се обиде да им помогне здравствениот систем уништен по повеќегодишната војна. Белите шлемови, хуманитарната група која работи во Сириските региони кои ги контролираат бунтовниците побараа итна меѓународна помош.

„Денеска по земјотресот, започнавме да примаме голем број случаи, стотици повредени. Досега, бројот е околу 100. Загинаа околу 30 луѓе. Знаеме и имаме информација за стотици пациенти кои се уште се под урнатините. Ситуацијата е премногу лоша и потребна ни е итна помош“ – вели хирургот д-р Маџди Ибрахим.

Земјотресот бил почувствуван се до главниот град на Египет, Каиро, додека илјадници жители на главниот град на Либан, Бејрут ноќта исто така ја минале на улица, откако ѕидовите на нивните згради се треселе 40-тина секунди од потресот во Турција.