Измените на Законот за минимална плата со кои таа се зголемува од 15 200 на 18 000 денари, утре ќе се најдат на пленарна седница во Собранието.

Откако вчера измените поминаа на владина седница, денеска ги добил и претседателот на парламентот, Талат Џафери, кој со нив го дополнил дневниот ред за седницата закажана за утре.

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска порачаа оти очекуваат пратениците едногласно да го поддржат минималецот од 18 000 денари.

„Имајќи предвид дека сите политички партии и пратеници веќе се изјаснија дека ќе го гласаат законот, нашите очекувања се дека пратениците едногласно ќе го донесат законот со кој ќе се зголеми минималната плата што ќе влијае и на зголемување на останатите плати во државата. ССМ побара од претседателот на Собранието, Талат Џафери, согласно неговите надлежности, да овозможи претставници на ССМ (членовите на Економско – социјалниот совет) да имаат можност да ја следат седницата во парламентот“, рекоа денеска од ССМ.

Договорот за покачување на минималецот беше постигнат во понеделникот вечерта, по неколку дена разговори меѓу ССМ, Владата и организацијата на работодавци. Според договореното, работодавците ќе ја покачат минималната плата, а за покривање на трошоците за придонесите за работниците ќе помага и државата. Новиот минималец ќе почне да се исплаќа со мартовската плата

„Со договорот работодавците ќе го покријат целокупното нето зголемување на платите за своите вработените кои се на минимална плата. Државата, пак, ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од сегашната минимална плата од 15 200 денари до онаа која ќе се исплаќа за март од 18 000 денари. Станува збор за удел од страна на државата од околу 16 милиони евра до крајот на годината. Ветивме и реализираме мерки кои директно го помагаат животниот стандард. Во исклучително кризна година, година на европски и светски кризи, остануваме фокусирани на финансиска поддршка на граѓаните.“, рече премиерот Димитар Ковачевски вечерта кога постигнат договорот.

Дел од договорот е и нова методологија за пресметување на минималната плата, во која како критериум влегува и тоа што таа не смее да биде пониска од 57 отсто од просечната плата во државата.

„Постигнавме уште една важна согласност: Да ги промениме критериумите за методологијата за годишно усогласување на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот. Третиот критериум е новина: висината на минималната плата нема да може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика“, објасни Ковачевски на 7 февруари.

Новата методологија, како што потоа посочија владини претставници, ќе овозможи покачување на минималецот и во иднина. Според изјавата на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, за „Утрински брифинг“, проценките се дека со усогласувањата до 2026 година таа ќе достигне 22 000 денари.